English (United Kingdom)
Банер
Банер
Банер

Награди

Општини

Банер

Прес конференција „16 дена активизам за борба против насилство врз жените“

На 25 ноември, на „Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените“ и првиот ден од меѓународната кампања „16 дена активизам за борба против насилство врз жените“, во првиот Семеен центар на Град Скопје, во организација на Националниот совет за родова рамноправност, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување - ХЕРА и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, се одржа прес конференција на која се дискутираше за моменталната состојба и системот на заштита во областа на домашното насилство и насилството врз жените во Македонија.

Согласно усвоената стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015, веќе е утврден стратегискиот пат и рамката за сеопфатна реакција на системот за спречување на семејното насилство. Но, многу од работите наведени во стратешките документи и протоколи не се спроведуваат соодветно во пракса. Во Македонија сè уште недостасуваат: шелтер центри кои функционираат и нудат поддршка и заштита на жртви на семејно насилство 24 часа, здравствени институции кои реагираат и пријавуваат семејно насилство по службена должност, полициски станици кои интервенираат по пријава за семејно насилство независно од тоа колку пати веќе биле во тоа семејство, советувалишта за работа со сторители на семејно насилство децентрализирани во другите градови низ Македонија.

Според тоа, системот за заштита од семејно насилство во Македонија се соочува со многу предизвици на кои државните институции треба да одговорат, особено поради фактот што Република Македонија е потписничка на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (позната како Истанбулска конвенција). Конвенцијата е прв сеопфатен правно обврзувачки документ кој ги регулира сите форми на насилство врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство и нејзината ратификација е од исклучително значење.

Токму во овој дух, на прес конференцијата се најави и кампањата ПОТПИШУВАМ – на иницијатива на НСРР. Со потпишувањето на онлајн петицијата на веб сајтот, секој од нас може да го даде својот придонес за тоа што побргу да се ратификува оваа Конвенција. Кампањата ПОТПИШУВАМ е во рамки на проектот „Со заеднички напори – Кон нови европски стандарди во заштита на жените од родово базирано насилство“.

Фотографии од настанот може да погледнете тука.

 

Фреја Форум 2013

Националниот совет за родова рамноправност годинава повторно учествуваше на Фреја Форумот кој се одржа во Брисел од 03. до 05. ноември.

На форумот, со тематика Еднакви можности, демократија и предизвици на европските граѓански организации, се одржаа повеќе семинари и работилници, на кои членките на НСРР земаа активно учество.

Некои од темите кои беа обработени: Соочување со предизвиците за домување и социјална инклузија, Социјално претприемништво како алатка за зајакнување на граѓанските организации и социјално исклучените групи, Аспекти од состојбата на младите во балканските земји, Најдобри пракси од социјално претприемништво, Лобирање и застапување, Новите технологии и социјалните медиуми како алатка за невладините организации и тн.

Фотографии од овој настан може да погледнете со кликнување овде

 

Национална конференција: Родово одговорно буџетирање на локално ниво

На 22.10.2013 г. во хотел Арка во Скопје се одржа конференција со наслов „Родово одговорно буџетирање на локално ниво“.

Конференцијата беше во организација на Националниот совет за родова рамноправност, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражувања-ХЕРА и здружението за еднакви можности–Еднаков пристап, со техничка поддршка на канцеларијата на UN Women–Телото на Обединетите Нации за Родова еднаквост и зајакнување на жените.

На конференцијата беа презентирани резултатите и препораките од спроведените родови проценки на  локални политики, програми и буџети на општините Гостивар, Центар, Дебар, Куманово, Прилеп, Струмица, Теарце, Штип во рамки на регионалниот проект “Промовирање на родово одговорни политики во југоисточна Европа“ имплементиран од страна на UN Womеn. Проценките даваат директни насоки за унапредување на локалните политики, програми и буџети почитувајќи ја родовата еднаквост. Како пример на добра пракса презентација имаше Град Скопје, како општина која има локална стратегија за родова еднаквост и се залага за нејзина имплементација преку примена на концептот на родово одговорно буџетирање. На конференцијата исто така беше промовиран и првиот прирачник за родово одговорно буџетирање за невладини организации.

На Конференцијата присуствуваа околу 70 лица, меѓу кои претставници од граѓанските организации, државните институции и локалните самоуправи.

 

Ден на таткото 2013

На 29.09.2013, во организација на Националниот совет за родова рамноправност, а со поддршка од Комерцијална банка ад Скопје, во т.ц. Рамстор во Скопје, се одбележа меѓународниот Ден на таткото.

Како и секоја година, НСРР објави конкурс за децата од градинките и основните училишта за изработка на честитки. Од огромниот број прекрасни честитки беа избрани оние кои најмногу се истакнуваа, а децата кои најмногу се потрудиле и посветиле најмногу време на изработката на честитката, како и оние кои покажале најголема креативност, беа наградени. Награди беа доделени и за училиштата и градинките, односно наставниците, кои пројавиле најголем интерес и донеле најголем број честитки на конкурсот. 

Фотографии од настанот може да погледнете доколку кликнете овде.

 

Семинар „Застапување на правата на корисниците/чките пред центрите за социјална работа и полиција - надлежности на институциите и жалбените механизми“

Од 20 до 22. септември 2013 г. во просториите на хотел Викторија во Скопје, во рамки на проектот „Со здружени напори – Кон нови европски стандарди во заштита на жените од родово базираното насилство“ се одржа семинар на тема „Застапување на правата на корисниците/чките пред центрите за социјална работа и полиција - надлежности на институциите и жалбените механизми“.

На семинарот се разгледуваа различни теми како: организација на работата на Центрите за социјална работа, мерки и интервенции на ЦСР во случаи со семејно насилство, постапување на полицијата во ситуации на семејно насилство, дискриминација на родова и полова основа - досегашни искуства, досегашни искуства на локалните женски и партнер организации во застапување на жените пред ЦСР и полицијата итн.

 

Донатори








Членка на: