На прагот на нашиот голем јубилеј - десетгодишнината од основањето и на работењето, којшто ќе го прославиме во 2004-та година, заедно со сите наши членки, пријатели и соработници, чувствуваме потреба да се осврнеме не само на една година наназад, туку и на сето она што оваа година и оваа деценија ја направи добра и успешна. Чувствуваме потреба да си припомниме на сите оние жени и мажи кои со љубов и голема пожртвуваност го градеа нашиот сојуз. Некои од нив повеќе ги нема, но тоа е само привид. Ги нема физички, но се вградени во нашата заедничка работа и во нашите заеднички успеси. А за успесите говорат резултатите , повеќе од сите зборови.
Годинава на којашто се однесува овој годишен извештај се потпира на изминатите десетина години. Се потпира на многуте индивидуи кои заедно го сочинуваат Сојузот на организациите на жените на Македонија. Сите ние, заедно, сторивме многу. Ефектот на нашето работење е голем и видлив. Нашите мировни активности, активностите за политичко јакнење на жените, во рамките на кои учествувавме во формирањето на Македонското женско лоби , промовирањето на феминизмот како филозофија на живеење во Македонија, преку Женските студии и други активности, промовирањето на родовиот концепт , покрај другото и преку отворањето, во соработка со локалните самоуправи, на десетината комисии за сензибилизирање на односите меѓу половите - се само дел од резултатите од нашето работење. Имавме храброст први да проговориме и да се бориме против семејното насилство, да го организираме првиот СОС-телефон, да проговориме и да се бориме против трговијата со жени и деца, да ги отвориме и без предрасуди да проговориме за проблемите на младите. Имавме доблест да ја формираме женската библиотека, да ги шириме и развиваме женските студии, да соработуваме со сите структури во општеството - владини и невладини, како и со многу меѓународни организации. Имавме визија да го покренеме првото женско тематско списание, Кис Јана, да го издадеме првиот каталог на жени со сопствен бизнис, да го охрабруваме женското претприемништво.
Стилот на нашето работење е специфичен и оригинален - Сојузот го претставуваат неговите членки, а не обратно. СОЖМ, всушност, е првата форма на вмрежување на НВО во Македонија, на рамноправна основа. Покрај извршната канцеларија во Скопје, на крајот на 2003 година беа отворени 3 регионални канцеларии. Овој стил на работа придонесе многу за јакнење на човековите ресурси во нашата држава, за јакнење на свеста на и за жената и нејзините права. И ни донесе многу поддржувачи, почитувачи, пријатели, соработници. Се повеќе ни се придржуваат млади жени со кои ја продолжуваме нашата благородна мисија. Нашата мисија е нашата борба , во која сакаме да го вградиме големиот потенцијал на женската енергија за којшто знаеме дека постои во Македонија. Ние ја охрабруваме, ја поттикнуваме таа позитивна енергија, а таа не поттикнува нас во ните наши активности, да истраеме, иако понекогаш и не сме разбрани. Многу љубов вградивме во нашето работење и многу љубов ни беше возвратена. Нека продолжи така уште многу, многу години и децении.
Со поздрав,
Извршната канцеларија на СОЖМ |