Пред Вас е идејата за мир на Сојузот на организаците на жените на Република Македонија, во кој се обидовме накусо да претставиме само дел од активностите на членките на СОЖМ.
Не има многу и различни, имаме многубројни и разновидни активности, а сите тие не можат да се претстават на десетина страници. Една брошура не може да ги опфати сите акции насочени кон мирот и кон стабилноста во нашата држава, или сите трибини и разговори кои ги водевме меѓу себе и со другите актери во нашите заедници, за да ја вратиме нарушената доверба којашто ја создаде воениот конфликт што минатата година ја потресе Македонија. Ниту, пак, сите оние бројни активности за заштита на правата на жената, за едукација и еманципација, за борбата против насилството, активностите насочени кон здравјето и добробитта на нашите деца, кон нашето вработување, кон зголемување на стандардот, намалување на сиромаштијата, кон социо-економскиот развој, кон политичкото јакнење и кон создавањето жени-лидерки...
Враќањето на довербата беше една од нашите најважни задачи во овој период, како и активностите поврзани со најважниот политички настан годинава - Парламентарните избори 2002. Членките на СОЖМ се активираа за да помогнат овие избори да поминат во мир и во демократска атмосфера. Спроведовме бројни активности, од поголемите градови до најмалите места, за да ги мотивираме и да ги поттикнеме гласачите, а посебно женската популација да излезе на изборите; за да ги информираме и едуцираме за нивните гласачки права; и конечно, ги набљудувавме изборите со цел да се увериме во нивната исправност. Истовремено, мониторингот имаше за цел да го процени учеството на жените во изборниот процес.
Работевме навистина многу, а резултатите од нашата волонтерска работа се видливи во повеќе области. Во Македонија се повеќе се развива вистинско женско движење, силно и масовно, станувајќи се повлијателно, станувајќи рамноправен партнер на власта, стекнувајќи ја почитта на домашната јавност и на меѓународните организации, станувајќи познато во регионот и пошироко. Тоа е заслуга на многу жени, Македонки, Албанки, Србинки, Турчинки, Ромки, Влаинки, Русинки, жени од различна возраст, социјална положба, вера, политичка определба... Заедничкото што не врзува е нашиот пол, а разликите не не разделуваат, туку не прават побогати, посуштински. Така, и уште подобро, ќе биде и во иднина...
|