Размената на информации со истомислениците е основен дел на општествениот живот. Значи, “мрежното работење” е ново име за всушност древна пракса. Значењето на зборовите “мрежа” и “мрежно работење” не е сеуште јасно дефинирано.
Мрежа всушност е средстсво за комуникација. Тоа е механизам што ги поврзува луѓето/организациите што имаат заедничка цел и систем на вредности. Успешноста на мрежата зависи од личното залагање и придонес на членовите, што е двигател на секоја мрежа.
Постојат различни видови мрежи на НВО:
- Мрежи за размена на информации;
- Организации што функционираат како мрежи
Многу е важно да се биде дел од мрежа и во многу случаи тоа е неопходно. Тоа го почувствуваа и 13-те самостојни независни организации на жени од Скопје, Крива Паланка, Пробиштип, Кавадарци, Неготино, Велес, Берово, Прилеп, Гевгелија, Струга, Штип, ОЖ “Даја” и ХО “Мајка” од Куманово, кои по трансформацијата на општеството во 1990 година се определија за работа во невладиниот сектор, со основна цел “женските права како човекови права”. Водеа активности според потребата на времето и на целната група од своето место на живеење и работење. Неколкугодишната соработка и размената на информации доведоа до идеја за основање заедничка формална организација.
Во 1994 година во Пробиштип се основа Сојузот на организациите на жените на Република Македонија (СОЖМ) – оснивачи се 13 локални самостојни организации на жените. СОЖМ еволуира скромно, од 13 локални организации основачи сега мрежата брои 64 самостојни организации.
Денес СОЖМ е мултиетничка женска мрежа од 64 независни самостојни организации на жени од РМ, без оглед на нивниот брачен или социо-економски статус и национална, политичка или верска определба...
Разновидното членство е добро, затоа што овозможува размена на различно искуство и задоволување на потребите. Секоја организација на жени е основана според потребата на својата целна група, а заеднички се иницира основање организации на жени во руралните средини, меѓу универзитетските кадри, жените ветеранки, жените од бизнис- секторот и претприемаштвото, како и младите девојки и жени во Женскиот центар и женските студии, за да подоцна сите иницијативи се преточат во самостојни женски организации со специфична потреба и цел.
Мрежата на СОЖМ се развиваше во различни услови, како многу други во светот. Таа претставува механизам за поврзување на организациите на жени што имаат заедничка цел и исти идеи.
Секоја членка, женска НВО, без оглед на нејзиниот број на членови, има една претставничка во претседателството на СОЖМ кое се состанува секоја прва сабота во месецот. Одлуките се донесуваат по пат на консензус, бидејќи нема неприфатлив и неостварлив предлог за акција, при што во реализацијата на идејата помагаат сите.
СОЖМ работи со седум регионални центри, четири тематски сектори и извршна канцеларија која врши одредени услуги, како и доставување информации до локалните и до регионалните центри. Поголемиот дел од работата се изведува на национално и на регионално ниво.
Организациската структура се разликува, но сепак постои кооперација и координација помеѓу регионите и помеѓу членовите на регионално ниво. Се одржуваат мали неформални состаноци со цел споделување на потребите и проблемите и јакнење на помалите организации.
Заради поуспешно работење, во тек е основање регионални координациски тела. Очигледна е поврзаноста помеѓу ефикасноста на мрежите и нивото на независност на организациите што ја конституираат мрежата на СОЖМ. Имено, не само што се почитува независноста на секоја НВО членка на СОЖМ, туку заеднички се тежнее секоја од нив да стане поцврсто независна, што според нас е еден меѓу другите важни фактори за зачувување на структурата на сопствената мрежа и соработка помеѓу други мрежи.
Научени лекции:
Мрежата е градење заедничка визија за создавање обединет фронт на НВО секаде каде што можат да делуваат. Уште од откривањето на парната локомотива и на телеграфот постојано се вели дека светот се намалува и дека далечината веќе не е проблем. Но, тоа се само претпоставки, а не и емпириски заклучоци. Неопходната инфратсруктура што овозможува брза меѓународна комуникација не е секаде застапена, а онаму каде што е застапена не значи дека е доверлива и дека може да се смета на неа. Затоа важи правилото дека средбите се подобри од писмата не само во усната традиција во Африка, туку и во постмодерните земји, близината е основа за ефикасно мрежно работење. И покрај тоа што има многу фактори што ја поддржуваат се поголемата формализација на мрежите, има и широко распространета свест или сомнеж дека формализираните мрежи ќе бидат искористени како “отскочна штица” за понатамошно градење лични кариери или понатамошно зголемување на репутацијата на одредени НВО.
Мрежите најчесто се развиваат во стабилни, моќни структури и елитни групации.
Исто така, се повеќе станува хит мрежното работење или мрежата. Очигледно, секој сака да има мрежа. Ова е остварливо за голем број од целите, но понекогаш треба да се подзастане и да се размисли што навистина се сака да се постигне со мрежното работење. Имено, повеќето од мрежите се градат со намена.
Така, денес постои се поголема тенденција луѓе однадвор да иницираат основање мрежи во нашата (или во друга) земја поради многу различни причини. Неретко, тие имаат тенденција да ја гледаат мрежата како пат до парите на донаторите, или нешто друго, и се надеваат на финансиска поддршка. И тука подобар пристап би бил пристапот на индивидуалците или на потенцијалните НВО членови ако се прашаат: “што е тоа што јас и мојата организација можеме да правиме за нашата земја, што е тоа што го мотивира нашето учество во мрежата?”
Според искуството на одредени автори, многу поединци или НВО не сакаат да бидат соочени со ова прашање. Но, сепак отворањето на ова прашање може да биде и еден начин на разграничување помеѓу сериозните и несериозните учесници во мрежното работење.
А, пак некои таканаречени мрежи се основаат со цел да пополнат празнини во ширењето информации и вести, а често и да играат улога на опозиција на институциите или на други НВО. Започнуваат како мали неформални групи со заедничка визија, за да се претопат подоцна или да ги реформираат нивните структури. Според тоа, мрежите се разновидни, едни се лабави и неформални, а други се формални мрежи и мрежи кои тежнеат да станат нешто повеќе од само краткотрајни “ад хок” креакции. Инаку, формализацијата е императив на секоја мрежа.
...За овие мрежи критична дилема е тоа што колку повеќе донаторите настојуваат да ги зајакнат, тие се се помалку ефикасни во обезбедувањето цврста подлога во локалните агенди и се се помалку ефикасни во изведувањето долготрајни институционални активности.
Често се случува и да се анимираат различни чувства за нивото на формализираност и за начинот на членување во мрежата.
На пример:
“Ние сме за отворена мрежа на учесници, а не за формална, законски ограничена... организациска структура” или “Постојаното докажување дека мрежите треба да останат неформални е како да се рече дека луѓето треба да јадат, но да не прават кујна”.
Тоа значи, според светското искуство, мрежите се поотворени и подемократски од организациите. Ги обединуваат оние што имаат исти идеи со иницијативната група.
Наша порака е:
Да се биде дел од мрежа е многу важно, а во многу случаи неопходно.
Мрежите се средства за да се постигне целта, не се цели сами по себе.
Савка Тодоровска
СОЖМ
|